Автор: Кристијан Шишковски
На оддалеченост од 160.000 светлосни години маглината Тарантула е најспектакуларното обележје во Големиот Магеланов Облак, сателитска галаксија на нашиот Млечен Пат. Со помош на Многу големиот телескоп досега најдетално е снимена оваа маглина заедно со нејзиното непосредно опкружување каде се открива прекрасен небесен пејзаж од ѕвездени јата, остатоци од супернови и целиот комплекс на маглини од што е сочинета оваа извонредна маглина, за жал недостапна за набљудување од нашите простори. Маглината Тарантула претставува најактивната област во Локалното јато галаксии каде се создаваат нови ѕвезди. Оваа маглина се простира на околу 1000 светлосни години во ширина, додека целата џуџеста галаксија, Големиот Магеланов Облак во дијаметар е само 14.000 светлосни години. Во јадрото на маглината се забележува младо ѕвездено јато NGC 2070 со многу млади, масивни ѕвезди каде некои од нив се најсјајните ѕвезди воопшто познати за астрономите. Во друга област Hodge 301 пресметано е дека барем 40 ѕвезди експлодирале во супернови рассејувајќи потешки елементи во околината кои се клучни за создавање на карпести планети. Низ целата структура може да се забележат делови во вид на меури кои се последица на масивни експлозии од супернови. Во оваа област се наоѓа и најпознатата супернова SN 1987A која беше и сеуште е детално набљудувана со современи телескопи. Целата мега-структура, маглината Тарантула е составена од повеќе „жаришта“ од џиновски молекуларни облаци каде забрзано се создаваат ѕвезди и ќе продолжат да се содаваат во наредните милион години по што магловитите структури ќе исчезнат и ќе останат јатата од млади ѕвезди кои ќе се разложат низ галаксијата. Автор: Кристијан Шишковски
0 Comments
Leave a Reply. |
Категории
All
Архива
January 2019
|