Автор: Мартин Стојковски
На површината на Марс беше успешно приземјена површинската сонда Инсајт чија намена е истражување на внатрешноста на планетата. Со оваа сонда ќе имаме подобра претстава за структурата на внатрешноста на Марс, дебелината на кората и внатрешната обвивка, големината и цврстината на металното јадро, температурата на нејзината внатрешност, динамиката на ладење на планетата, честоста на појава на земјотреси (марсотреси?). Некои од инструментите на Инсајт може да забележат треперење на површината во димензии од само еден атом. Во времето на спуштање на сондата на Марс сите податоци беа примо-предавани преку две мали летала Марко А и Б кои беа лансирани заедно со сондата Инсајт, но за разлика од сондата тие само прелетаа покрај Марс и ќе останат во хелиоцентрична орбита. По пренесувањето на сите податоци од вчерашното слетување овие кубсати (коцкасти сателитчиња) ќе бидат комплетно неупотребливи. Само неколку минути по слетувањето ја добивме и првата фотографија снимена од сондата, каде се забележува рамниот пејзаж и ситните честички прилепени на заштитната фолија од објективот. Заштитната фолија ќе биде отстранета во текот на оваа седмица. Иако на сликата не се забележува многу, се гледа дека околината е сосем рамна, оваа локација е одбрана токму поради тоа за слетувањето да биде што е можно по лесно. На Инсајт се наоѓаат две камери, нивната позиција нема да се менува бидејќи оваа сонда е статична. Оваа мисија е предвидена да трае до крајот на 2020 година. Автор: Мартин Стојковски
0 Comments
Leave a Reply. |
Категории
All
Архива
January 2019
|