За да се пресмета колку нормална материја има и како е распределена низ галаксијата се користи количината на апсорпција. Применети се и компјутерски модели, но набљудуваното не се поклопува со униформна распределеност на гасот. Наместо тоа, откриено е дека има „шуплина“ во центарот на галаксијата која се протега на две третини од центарот до Земјата. Со примена на анализа со рендгенски зраци добиена е јасна индикација за големината на „шуплината“ со што може да се пресмета дека таа настанала пред повеќе од 6 милиони години. Оваа сферична шуплина е со радиус од 20.000 св. години над и под глактичката рамнина која е потенка од 1.000 св. години.
Супермасивната црна дупка истуркала и загреала до милиони степени, 130 милијарди сончеви маси на гас, кои се забележани во и околу Млечниот Пат. Овие гасови ја опфаќаат целата галактичка рамнина заедно со околината и халото на нашата галаксија на оддалеченост поголема од 200.000 св. години од центарот, а нивната маса е приближна на масата од материјата која ’фали’ во нашата галаксија. Така, може да се објасни каде се криела материјата – била премногу жешка за да може да биде видена.
Сето ова е поддржано и од присуството на ѕвезди создадени пред 6 милиони години близу до центарот на галаксијата. Овие ѕвезди се формирани од дел од истиот материјал кој во тоа време патувал кон црната дупка, бидејќи ѕвездите се создаваат само од ладен гас, наспрема оној жешкиот, кој излегува од црните дупки.
Повеќе одговори може да се очекуваат од новата вселенска мисија X-ray Surveyor. Таа ќе може да даде поточна слика на „шуплината“ со тоа што ќе може да забележи и послаби извори и пофини детали и да извлече повеќе информации за масата која недостасува. Слични ветувања следат и од опсерваторијата Атина на Европската вселенска агенција која ќе биде лансирана во 2028 година.
Автор: Александра Петковска