Автор: Мартин Стојковски
Вчера беа објавени последните анализи од примарната мисија на вселенскиот телескоп Кеплер каде се пронајдени повеќе од 200 нови планети во кои се вклучени 10 нови карпести планети слични на Земјата кои орбитираат во населивата зона. Со оваа објава заклучена е примарната мисија на Кеплер преку која се пронајдени околу 4000 кандидати-егзопланети од кои 2330 се докажани дека навистина постојат. Од педесетина планети слични на Земјата, повеќе од 30 се докажани. Останатите кандидати за егзопланети би можеле да се докажат со користење на други телескопи, додека во блиска иднина вселенскиот телескоп Џејмс Веб кој ќе биде лансиран идната година ќе може подетално да се набљудуваат овие планети како и да се анализира составот на нивните атмосфери. При анализа на целокупните резултати забележана е поделба според големината на две основни типови на планети. Откриено е дека скоро да не постои преклоп во големината помеѓу карпестите планети слични на Земјата и гасовити планети од класата на мини-Нептуни. Најинтересно од оваа анализа е што скоро да нема пронајдено планети со големина од 1,5 до 2 земјени радиуси. Со оваа објава се заклучува примарниот дел од мисијата каде се набљудуваше едно парче од небото во соѕвездието Лебед. По проблеми со стабилизаторите во 2012 година, од ноември 2013 започната е нов тип на мисија, набљудувања наречени К2 која вклучува набљудувања на повеќе позиции на небото за кратки периоди. Поради природата на К2 мисијата нема да бидат откривани планети со слични карактеристика на Земјата бидејќи потребни се набљудувањa на 3 транзита преку ѕвездата за докажување на егзопланетите. Во иднина покрај Кеплер телескопот во откривање на егзопланети ќе му се приклучи и новиот Тес (TESS) телескоп што ќе биде лансиран во јуни 2018 година. Овој телескоп ќе има многу поголемо видно поле и ќе открива многу поголем број на егзопланети со времетраење на орбити помеѓу 27 дена и една година. Кон средината на дваесетите години ќе биде лансиран и директниот наследник на Кеплер телескопот, WFIRST телескопот преку кој ќе се добие конечен одговор колку планети налик на Земјата постојат во нашата галаксија. Автор: Мартин Стојковски
0 Comments
Leave a Reply. |
Категории
All
Архива
January 2019
|