Автор: Дими
Планета со приближна големина на Земјата и умерени температури на површината е откриена на само 10 светлосни години од Сончевиот систем. Новиот свет има ознака Рос 128 б (Ross 128 b) и претставува втора најблиска планета со умерена температура покрај скоро откриената Проксима б, воедно таа е најблиска планета која орбитира околу ’мирна’ ѕвезда, црвено џуџе. Овие услови ги зголемуваат шансите за услови за одржување на живот. Рос 128 б станува примарна цел за откривање на биомаркери преку анализа на атмосферата. Планетата орбитира околу црвеното џуџе на секои 10 дена. Повеќето црвени џуџиња, вклучително и Проксима Кентаур имаат бурна активност на површината со чести и масивни ерупции што ги опсипуваат планетите со ултравиолетово и рендгенско зрачење. Но ѕвездата Рос 128 изгледа дека има многу по сталожена активност на површината со што блиските планети ги прави поудобни за развој и одржливост на биолошки живот. Иако црвеното џуџе моментално се наоѓа на 10 светлосни години, поради нејзиното движење кое е насочено кон нас, се очекува за 80.000 години да биде наш прв сосед. Планетата Рос 128 б тогаш ќе биде наш најблизок сосед превземајќи ја титулата од Проксима б. Уметничка анимирана претстава на системот Рос 128 со црвеното џуџе и карпестата планета Рос 128 б (с) ESO/M. Kornmesser Планетата со големина на Земјата се очекува да има умерена температура иако орбитира 20 пати поблизу до својата ѕвезда отколку Земјата околу Сонцето. Покрај големата близина таа добива само 30% повеќе радијација отколку Земјата. Поради пониската површинска температура на ѕвездата која е половина од таа на нашето Сонце и нејзините мали димензии, оваа планета се очекува да има површинска температура од -60° до 20° С. Откривачите на оваа планета сметаат дека Рос 128 б е планета со умерена температура, сè уште е неизвесно дали планетата лежи точно во населивата зона каде водата може природно да се најде во течна состојба на површината што е голем предуслов за развој на биолошки живот. Во последно време се откриваат сè повеќе планети кои орбитираат во населивата зона, следен стадиум ќе биде детално да се анализира составот на нивните атмосфери што би можело да покаже дали се развил живот сличен како тој што го познаваме на нашата планета. Ова ќе биде една од примарните задачи на новата генерација големи телескопи што се во изградба вклучувајќи го и Екстремно големиот телескоп на Европската јужна опсерваторија (ЕЅО). Автор: Дими
0 Comments
Leave a Reply. |
Категории
All
Архива
April 2018
Моментална фаза на Месечината
|